Во Европската куќа на ракометот (ЕХФ) беа извлечени групите за Европското првенство кое ќе се одржи од 15 јануари до 1 февруари 2026 година во Норвешка, Данска и Шведска.
Македонија е дел од групата Б, каде ќе се соочи со силните репрезентации на Данска, Португалија и Романија. Сите натпревари од нашата група ќе се играат во данскиот град Хернинг, во салата „Јуске Банк Боксен“. Македонската репрезентација ќе ги игра своите мечеви на 16, 18 и 20 јануари, а распоредот е следен: Прв натпревар против светскиот првак Данска, меч кој ќе се одигра на 16 јануари, потоа два дена подоцна односно на 18 јануари дуел со Романија, а групната фаза ќе ја затвориме со натпреварот против Португалија, кој е закажан за 20 јануари. Точните часови за натпреварите ќе бидат дополнително објавени.
Данска е апсолутен фаворит во нашата група, дополнително што игра на домашен терен и пред својата публика ќе биде уште една предност за нив и сигурно Данците одат по освојување на првото место. Португалија претставува тежок противник со кој имаме историја, но без досегашни победи. Ќе биде повеќе од силен предизвик да се совлада репрезентацијата на Португалија и така да имаме можност да бидеме втори во групата, бидејќи Романија, пак, е проверен ривал со кој Македонија може да игра рамноправно и би требало во секој случај да триумфираме над Романците.
Од секоја група, најдобрите две селекции ќе обезбедат пласман во следната фаза, која исто така ќе се игра во Хернинг.
Европското првенство ќе биде голем предизвик за нашата репрезентација, која ќе има можност да се докаже на меѓународната сцена. Бранител на титулата е Франција, која на последното ЕП во финалето ја победи Данска, додека третото место му припадна на Шведска.
Групи на Европското првенство 2026:
| Група | Локација | Држави |
|---|---|---|
| Група А | Хернинг, Данска | 🇩🇪 Германија, 🇪🇸 Шпанија, 🇦🇹 Австрија, 🇷🇸 Србија |
| Група Б | Хернинг, Данска | 🇩🇰 Данска, 🇵🇹 Португалија, 🇲🇰 Македонија, 🇷🇴 Романија |
| Група Ц | Осло, Норвешка | 🇫🇷 Франција, 🇳🇴 Норвешка, 🇨🇿 Чешка, 🇺🇦 Украина |
| Група Д | Осло, Норвешка | 🇸🇮 Словенија, 🇫🇴 Фарски Острови, 🇲🇪 Црна Гора, 🇨🇭 Швајцарија |
| Група Е | Малме, Шведска | 🇸🇪 Шведска, 🇭🇷 Хрватска, 🇳🇱 Холандија, 🇬🇪 Грузија |
| Група Ф | Кристијансанд, Шведска | 🇭🇺 Унгарија, 🇮🇸 Исланд, 🇵🇱 Полска, 🇮🇹 Италија |
Македонија ќе има можност да ги покаже своите квалитети и да се бори за место во понатамошните фази од престижниот ракометен турнир.