Некогашниот прволигаш Тетекс го подигна шампионскиот пехар во Третата македонска фудбалска лига – Запад, „штофарите“ се пред експресно враќање во Втората лига, откако испаднаа минатата сезона.
Тетекс одигра одлична сезона, со најмногу победи вкупно 20, со само две ремија и еден пораз, тетовскиот тим го има и најефикасниот напад со постигнати 81 гол и најдобра одбрана која примила 18 погоди.
Шампионскиот пехар фудбалерите на Тетекс го подигнаа по мечот од 25. коло во Трета лига – Запад, каде со 2:1 „штофарите“ беа подобри од Камјани. Медалите на фудбалерите им ги доделија Музафер Исмаили, комесар за судии во Трета лига – Запад и Даут Алими, комесар за натпреварување.

Додека пак пехарот го додели градоначалникот на општина Брвеница, Јовица Илиевски.

Тетекс собра 62 бодови, а во последното коло Тетекс ќе гостува кај екипата на Речица.

Веќе се познати сите екипи кои ќе играат во баражот за Втора лига, така покрај Тетекс кој е шампион во Трета лига – Запад, ќе играат и Шкендија Арачиново (Трета лига – Север), Преспа (Трета лига – Југ), Големо Коњари (Трета лига – Југозапад) и Слога Виница (Трета лига – Исток), како и Осогово кој како второлигаш ќе се бори за опстанок.
