Екипата на Големо Коњари се подготвува за прославата на шампионската титула во Третата македонска фудбалска лига – Југ.
На 18 мај клубот ќе го подигне шампионскиот пехар и ќе учествува во баражот за евентуален пласман во Втората македонска фудбалска лига. Тимот има големи шанси да заигра во повисок ранг, бидејќи од поразените екипи на баражот, две ќе бидат извлечени со ждрепка и ќе обезбедат место во Втората лига.
Клубот подготвува маички со натпис „ФК Големо Коњари – Шампиони 2025“, а сите заинтересирани навивачи и поддржувачи може да нарачаат маичка со пријавување кај управата. Со тоа, на 18 мај ќе бидат подготвени да бидат дел од големата прослава на клубот.
Како што ексклузивно објави „Спортска Мрежа“, баражите ќе се одиграат на 24 и 25 мај.