Ефикасно првото коло во Трета лига – Југозапад со постигнати 26 погодоци, најмногу во Велешта, каде екипата на Велешта Унитед со 5:4 славеше над Славеј од Мешеишта.
Ова беше дерби на два нови третолигаши, соочување во кое императивот беше да се својат трите бодови. Славеј на полувреме имаше предност од 0:2, но на крај покоцка два гола предност и загуби во меч со пресврт.
Валентин Ѓорѓиески постигна два гола на полувреме за 0:2, а во вториот дел Велешта направи комплетен пресврт. Ермир Врнези и Беким Бекси беа двојни стрелци за Велешта, а еден гол постигна Ерхан Шеи, за гостинската екипа во вториот дел голови постигнаа Иан Стрезоски и Христијан Латкоски.
Кораби го доби дербито против Демир Хисар на домашен терен со резултат од 2:1. Некогашниот второлигаш кој лани беше шампион во Трета лига – Југозапад, но не го помина баражот со Вардарски од Богданци кој стана второлигаш, на полувреме имаше предност од 1:0 со голот на Фатјон Леши.
Во вториот дел Валентино Петрески си постигна автогол со што Кораби дојде до двојна предност. Во 73. минута Јовица Китановски погоди за конечните 2:1 и ублажување на поразот.
Екипата на Света Троица 2021 од Охрид го освои историскиот прв бод како дебитант во Втората лига, откако одигра 2:2 против Сатеска од Волино. Натпреварот се играше во Мешеишта, а до водство прв дојде тимот на Света Троица 2021 со голот на Никола Угриноски во 36. минута. На стартот од вториот дел Никола Секулоски погоди за 1:1, а пак во 68. минута Боге Бимбилоски постигна гол за 1:2. Во 78. минута голгетерот Секулоски со втор гол ги постави конечните 2:2 за поделба на „пленот“.
Ланскиот второлигаш Караорман го загуби дербито со Влазними откако беше поразен со 0:1. Стрелец на голот на овој меч беше Валдрин Лога постигнат во 46. минута од мечот.
Новиот третолигаш Евротип со минимални 1:0 го совлада Кравари во Логоварди, а стрелец на единствениот победнички гол за домашниот тим беше Владе Јанакиевски кој беше постигнат во 85. минута.
Вчера, во воведниот меч Преспа со 6:2 ја декласираше екипата на Светлост од Кукуречани во меч на тотална доминација на домашниот тим. Двојни стрелци беа Нико Пластиновски и Неџми Реџепи, еден гол постигна Стефан Гроздановски, а Никола Шеровски си постигна автогол.
За гостинскиот тим стрелци беа Стивен Митревски во 57. минута и Сашо Талевски во 80. минута.