Шкендија гостува кај Тиквеш со јасна цел – да се врати на победничкиот пат по две првенствени кола без триумф и да остане во трката за највисоките позиции на табелата.
Тетовци ги очекува незгодно гостување во Кавадарци, каде ги пречекува противник кој се наоѓа во добра форма и веќе покажа дека може да им создаде проблеми на фаворитите. За освојување на трите бода, на Шкендија ќе ѝ бидат потребни максимална концентрација и вистински пристап од самиот почеток на натпреварот.
Стручниот штаб ќе има ограничени опции во составувањето на тимот. Дрилон Ислами ја заврши есенската полусезона, додека Армир Иса и понатаму е надвор од комбинација поради повреда.
Историјата на меѓусебните пресметки е на страната на тетовскиот тим. На досегашните 22 дуели, Шкендија има 15 победи, Тиквеш славел двапати, а пет натпревари завршиле без победник.
Сепак, кавадарчани имаат причина за самодоверба пред овој дуел. На првата меѓусебна пресметка сезонава, одиграна во Скопје, Тиквеш славеше со 3:1 и ја прекина победничката серија на Шкендија од почетокот на шампионатот.
Новата пресметка на овие ривали е закажана за денеска од 13:00 часот на стадионот во Кавадарци. Главен судија ќе биде Фатмир Бафто.