Младиот штипски стратег Иван Варадиновски ја донесе втората радост за Скопје, откако „пиратите“ триумфираа со 1:2 на гостувањето кај Башкими во Куманово, во натпревар исполнет со возбудувања во второто полувреме и вистинска ВАР-драма во завршницата.
Тимот од Автокоманда под водство на Варадиновски покажува знаци на сериозно резултатско будење, а со новите три бода најавува дека има амбиции да се вклучи во битката за директен опстанок во прволигашкото друштво.
По првото полувреме во кое изостанаа погодоци, Скопје го отвори резултатот во 58. минута. Цветков испрати одлична топка од средината на теренот во противничкиот шеснаесетник, каде што Виктор Ангелов го совлада домашниот голман Бесијан Алиу.
Само две минути подоцна гостите ја удвоија предноста. По брзо изведен контранапад и асистенција на Гордиќ, Ангелов повторно беше на вистинското место и со својот втор погодок донесе водство од 0:2 за избраниците на Варадиновски.
Башкими тргна во офанзива во обид да се врати во натпреварот. Во 63. минута Фаузи се закани со удар од 16 метри, но Наумовски со сигурна интервенција ја испрати топката во корнер.
Во 75. минута Сумер Хасан од шест метри со глава биеше над голот, а две минути подоцна расположениот Наумовски го скроти и ударот со глава на Лимани.
Кумановци имаа нова изгледна можност во 82. минута, кога по одличното проигрување на Мајмона во шеснаесетникот, Сонка шутираше покрај стативата. На спротивната страна, Антонио Божиновски можеше да ги разреши сите дилеми околу победникот, но неговиот удар заврши над голот на Алиу.
Неизвесноста се врати во 85. минута, кога по изведен корнер и асистенција на Саити, Теодор Мирчевски со глава ја затресе гостинската мрежа за 1:2.
Вистинска драма следуваше три минути подоцна. Фатих Исмаили постигна погодок кој предизвика голема радост на трибините во Куманово, но славјето на домашните навивачи беше краткотрајно. По интервенција на ВАР-системот, погодокот беше поништен, а Скопје ја задржа предноста до последниот судиски свиреж.
Варадиновски му даде нова енергија на Скопје, а „пиратите“ сега имаат десет бода и заостануваат само пет бода зад зоната за директен опстанок.
Младиот штипски стратег успева резултатски да го прероди составот од Автокоманда, кој со втората победа под негово водство фаќа сериозен залет. Директниот опстанок станува сè пореална цел за Скопје, а позитивните резултати се одлична основа за градење самодоверба во пресрет на следните првенствени предизвици.
Во следното коло Башкими ќе гостува кај Вардар, додека Скопје на домашен терен ќе ја пречека Шкендија Арачиново, во натпревар кој за избраниците на Варадиновски ќе претставува нова можност за приближување кон безбедната зона.