Лидерот во Втората македонска фудбалска лига, Охрид, во пресрет на последното есенско коло официјално информираше дека ја прекинува соработката со фудбалерот Валентин Кочоски.
Како причина за ваквата одлука, од охридскиот второлигаш го посочуваат непрофесионалното однесување на фудбалерот, кое, според клубот, не е во согласност со принципите и вредностите што ги негуваат „рибарите“.
„ГФК Охрид Лихнидос ја известува јавноста дека ја прекинува соработката со фудбалерот Валентин Кочоски, поради непрофесионално однесување кое не е во согласност со принципите, вредностите и дисциплината што ги негува нашиот клуб. Клубот секогаш ги става тимскиот дух, почитта и професионалниот однос на прво место.“
Во меѓувреме, охридскиот состав се подготвува за последниот предизвик од есенскиот дел на второлигашката сезона. Лидерот утре ќе гостува во Кочани, каде што ќе ги одмери силите со екипата на Осогово.
Натпреварот ќе се одигра на стадионот „Никола Мантов“ со почеток во 13 часот, а со евентуален триумф „рибарите“ ќе ја потврдат лидерската позиција и ќе презимат со епитетот есенски шампион во Втората лига.