Битка за местото број два ќе се игра денеска во Кавадарци. Тиквеш, екипа која е во одлична форма, на мегдан против тетовска Шкендија, во обид да освои нови бодови, и да покаже дека не случајно е во горниот дел на табелата.
Кавадаречкиот состав минатото коло со триумфот над Вардар на Националната Арена „Тодор Проески“ покажа дека сезонава ќе биде ривал кој може да се носи и со фаворитите за титулата, а сега ред е да се докажува и против Шкендија, можеби најголемиот претендент за шампионскиот трофеј сезонава.
Од таборот на Тиквеш го ценат противникот, но велат дека ќе се борат за победа, сакајќи да одиграат идентично како што беше против Вардар, и да дојдат до трите бода.
„За квалитетот на Шкендија како екипа и поединците кои во секој момент можат да решат кој било натпревар мислам дека не треба да трошиме многу зборови. Ние работиме напорно од почетокот на сезоната, настојуваме од натпревар во натпревар да бидеме сè подобри и подобри, да ги исполнуваме задачите дадени од нашиот стручен штаб и секогаш да го даваме својот максимум. Знаејќи го нивниот квалитет, но и нашиот, очекувам интересен натпревар, неизвесен до самиот крај, во кој и ние и тие ќе се бориме за победа до последната секунда. Домашниот терен и нашата публика се надевам дека ќе ни помогнат во тоа, за сите заедно да се израдуваме на трите бода“, вели Христијан Стевковски, голманот на Тиквеш.