В недела Младост на домашен терен игра нов дерби меч за втора сезонска победа против Бутел во рамките на 11. коло на Суперлигата.
Победата во претходното коло над Струга е минато, фокусот се насочува на новиот неделен предизвик бидејќи нов триумф ќе го издигне повисоко на табелата тимот од Богданци.
Искусниот српски интернационалец во редовите на Младост, Владимир Бојаниќ за Спортска Мрежа истакна дека пресудни за триумфот над Струга биле желбата за победа и добрата игра во одбраната.
„Мислам дека пресудни беа желбата за победа и добрата игра во одбраната. Чекавме конечно да го скршиме мразот и да стигнеме до победа по неколкуте нерешени резултати и тешки натпревари. Против Бутел треба да продолжиме со цврста игра во одбраната, да се бориме за секоја топка и да го намалиме бројот на технички грешки“, вели Владимир Бојаниќ за Спортска Мрежа.
Салата „Млаз“ ќе биде исполнета одново до последното место, поддршката од трибината ќе биде голема, Бојаниќ вели дека домашниот терен секако е предност, додава дека ќе треба да продолжат со добрата игра во одбраната и да го дадат максимумот за да дојдат до втората сезонска победа.
„Домашниот терен секако е предност. Бутел е млада екипа со неколку искусни играчи, која игра добро и се бори за секоја топка. Бодот што го освоивме во Скопје навистина многу ни значи. Треба да продолжиме со добрата игра во одбраната, да го дадеме максимумот, па нека победи подобриот“, истакна искусниот српски интернационалец за нашиот медиум.
Натпреварот меѓу Младост и Бутел се игра в недела од 17:30 часот во салата „Млаз“ во Богданци.