Бутел Скопје ќе биде без својот прв тренер Стојанче Стоилов на претстојното гостување кај Младост Богданци, откако Првостепената дисциплинска комисија на Ракометната федерација на Македонија му изрече суспензија од еден натпревар.
Причина за казната е црвениот картон што Стоилов го заработи во 42. минута од дуелот со Куманово. По негодувањето на тренерот на Бутел на една судиска одлука, арбитрите Исмаил Металари и Ненад Николовски го исклучија и го испратија на трибините.
По разгледувањето на документацијата од натпреварот, дисциплинската комисија, согласно член 112 од Дисциплинскиот правилник на РФМ, го санкционираше Стоилов со забрана за водење на екипата на еден првенствен или Куп натпревар.
Во негово отсуство, од клупата на Бутел на гостувањето во Богданци ќе командува неговиот помошник Стефан Стојановски.
View this post on Instagram
Натпреварот меѓу Младост и Бутел, во рамките на 12. коло од Суперлигата, ќе се одигра в недела од 17:30 во салата „Млаз“, во дуел каде и двете екипи силно ги посакуваат двата бода и само тоа е цел.