Женската репрезентација на Македонија до 19 години со убедлива победа го започна настапот на квалификацискиот турнир во Србија, откако во првото коло ја совлада Црна Гора со 7:3. Избраничките на селекторот Кирил Изов имаа одлично издание и со висока ефикасност во нападот стигнаа до првите три бода.
Црна Гора прва го отвори резултатот во петтата минута преку Јована Радовиќ, но Македонија експресно возврати. Само една минута подоцна Настасја Накова ја затресе противничката мрежа за израмнување на 1:1.
Во 29. минута Аника Петровиќ си постигна автогол, со што Македонија дојде до предност од 2:1, а во завршницата на првото полувреме следуваше нов налет на нашите репрезентативки. Меланија Грозданова во 40. минута зголеми на 3:1, а во втората минута од судиското надополнување повторно беше прецизна за убедливи 4:1 на паузата.
Црногорките се обидоа да се вратат во игра, па во 46. минута Ангелина Дресај намали на 4:2. Сепак, Македонија продолжи во ист ритам, а Теона Голабовска во 55. минута од пенал ја врати разликата на три гола (5:2).
Во 59. минута Црна Гора доби удар од белата точка, а Јана Мердовиќ беше прецизна за 5:3. Тоа не ја наруши играта на македонската селекција, која во 69. минута преку Голабовска стигна и до шестиот погодок.
Конечните 7:3 ги постави Мелани Цветковиќ во 83. минута, за убедлив старт на Македонија на квалификацискиот турнир.
Во вториот натпревар од групата, домаќинот Србија славеше над Азербејџан со 4:0, противник со кој Македонија ќе се соочи во следното коло.
Нашата селекција на 29 ноември од 11:00 часот ќе го одигра вториот натпревар против Азербејџан, додека во последното коло, на 2 декември од 13:00 часот, ќе следува дуелот со домаќинот Србија.
МАКЕДОНИЈА – ЦРНА ГОРА 7:3
Стадион: Спортски центар на ФСС – Стара Пазова
Судијка: Одри Гербел (Франција)
Стрелци: Накова 6, Петровиќ 29 (аг), Грозданова 40, 45+2, Галабовска 55 (пенал), 69, Цветковиќ 83 – Радовиќ 5, Дресај 51, Мердовиќ 59 (пенал)
МАКЕДОНИЈА: Вељановска, Панева, Емини, Ристевска (Нановска 60), Коловска, Величкова (Фида 85), Цветкоска (Марковска 77), Попески (Цветковиќ 77), Галабовска, Накова (Каралиоска 60), Грозданова
Селектор: Кирил Изов