По домашното дерби со Алкалоид, ракометарите на Еурофарм Пелистер целосно ги насочуваат мислите кон новиот европски предизвик. Во Битола пристигнува полскиот Вибжеже Гдањск, а Анжеј Видомски верува дека домашниот терен и поддршката од публиката можат да бидат важен фактор во обидот на „зелено-белите“ да стигнат до посакуваниот резултат.
Полскиот десен бек нагласува дека екипата веќе го оставила зад себе претходниот натпревар и дека фокусот е насочен кон подготовката за следниот противник. И покрај заморот по тешката средба, битолчани мора да ги извлечат поуките од последниот настап и да го пренесат најдоброто од својата игра на европската сцена.
„Мислам дека го заборавивме Алкалоид и треба да се фокусираме на овој натпревар. Го анализираме овој последен натпревар, ги издвоивме работите што ги направивме лошо и што ги направивме добро. Не можеме да размислуваме за тоа што се случило, сега треба да се фокусираме само на овој натпревар. Последниот меч беше тежок, уморни сме, но треба добро да се подготвиме и да го дадеме најдоброто од себе.“

Видомски добро ги познава карактеристиките на Гдањск и предупредува дека станува збор за состав кој комбинира младост и искуство, а во играта се потпира на специфичен стил. Особено внимание, според него, ќе треба да се посвети на агресивниот пристап во одбраната и силната реализација во нападот.
„Гдањск има многу добри млади и искусни играчи. Сакаат да го играат тој шпански стил, па во одбрана прават пресинг од број два до број пет. Во напад играат до крај со полна сила. Мислам дека тоа е нивното најдобро оружје.“
Сепак, предизвикот не го гледа како причина за притисок, туку како можност екипата дополнително да го зацврсти својот карактер. Видомски верува во силата на домашниот терен и во поддршката што битолската публика традиционално му ја дава на својот тим.
„Играме тежок натпревар, но тоа е добро за нас. Тежок натпревар го гради нашиот менталитет. Сакаме да играме под притисок, а и играме дома. Па, ако нашите навивачи ни помогнат, а сигурно ќе ни помогнат, ова може да биде навистина, навистина добар натпревар за нас.“- изјави Видомски.

Еурофарм Пелистер го очекува сериозен европски тест, но со поддршката од трибините и правилен пристап, битолчани ќе се обидат да стигнат до важни бодови во Европската лига. Видомски јасно порачува дека тимот е подготвен да го прифати предизвикот и да игра под притисок.