Ракометарите на Алкалоид направија голем чекор кон пласман во осминафиналето на ЕХФ Европскиот куп, откако на домашен терен го совладаа словенечкиот Горење Велење со убедливи 32-23 во првиот натпревар од третото коло.
Македонскиот претставник одигра одличен натпревар и обезбеди значителна предност пред гостувањето во Словенија. Деветте гола разлика му даваат добра почетна позиција на тимот од Автокоманда во пресрет на реваншот, во кој ќе се решава патникот меѓу најдобрите 16 екипи во натпреварувањето.

Марко Митев и Матиц Сухолежник беа најефикасни во редовите на Алкалоид, постигнувајќи по пет погодоци, со што имаа значаен придонес во убедливиот триумф.
Реванш-натпреварот против Горење Велење ќе се одигра во Словенија на 29 ноември, кога Алкалоид ќе има можност да ја потврди предноста и да обезбеди ново европско осминафинале.
