Екипата на Македонија ЃП по големата победа над суперлигашот Пролет од 30:40 се подготвува за дуел со уште еден лански суперлигаш – домашен меч со Радовиш.
По девет кола Македонија ЃП со 11 бодови е на шестото место само четири помалку од лидерот Вардар Неготино, што ветува голема борба во продолжението од шампионатот.
Ракометарот на „дробилицата“, Стефан Нацев за Спортска Мрежа истакна дека за секој меч се подготвуваат и играат како да е дерби.
„За нас секој натпревар се подготвува и го играме како дерби, а секоја победа е голем поттик и обврска за уште подобри игри во следниот период. Радовиш е многу добра екипа и сигурно не очекува тежок натпревар, натпревар со многу борба, многу дуели и трчање во двата правци“, вели ракометарот на Македонија ЃП за Спортска Мрежа.
Поддршката од публиката е многу важна и дава дополнителна сила и енергија вели Нацев кој се надева дека ќе одиграат уште еден добар меч.
Како што вели младиот ракометар за Спортска Мрежа, ти не се борат за второто место, туку за првото место.
„Публиката секој пат ни дава додатна енергија за да одиграме квалитетен натпревар и се надеваме дека во недела ќе бидат наша инспирација за победа. Ние немаме намера да се бориме за второто место кое води во бараж, нашата цел е борба за првото место. Не велиме дека е лесно, но не велиме и дека е недостижно. Досегашните натпревари докажаа дека ниту една екипа од фаворитите не нè надигра и дека со сите претенденти за влез во Супер лига одигравме одлични натпревари“, ни изјави Стефан Нацев.
Мечот меѓу Македонија ЃП и Радовиш се игра в недела од 16 часот во СУГС „Коцо Рачин“ во Ѓорче Петров.
