Останати репрезентацииРепрезентација

Македонија се запиша во историјата на Младинските олимписки игри Дакар 2026

Сподели
ФОТО: IOC OIS/Joel Marklund
Сподели



Тројца млади спортисти ја претставуваа државата во атлетика, пливање и триатлон. Ева Митевска го освои осмото место на 100 метри, Петар Цеков заврши на 21. место во пливање, а Марио Брезовски на 24. место во триатлон

Со посветеност, борбеност и достоинствено претставување на државата, македонските спортисти го завршија своето учество на Младинските олимписки игри Дакар 2026, оставајќи зад себе спортски достигнувања и искуство што претставуваат важен чекор во нивниот понатамошен развој.

Младинските олимписки игри кои се одржаа во Сенегал обединија 2.655 спортисти на возраст од 14 до 18 години од 204 национални олимписки комитети. Натпреварувањата се одржаа во 25 спортови, а за секој спорт беа одредени квалификациски критериуми за учество од страна на соодветните меѓународни федерации и Меѓународниот олимписки комитет.

Дакар 2026 беше историски момент за олимпиското движење, бидејќи за првпат еден олимписки настан се одржа на африканскиот континент.

Македонија учествуваше со седумчлена делегација составена од тројца спортисти, тројцата нивни тренери и шеф на делегацијата, кои ја претставуваа државата во атлетика, пливање и триатлон.

Највисок пласман оствари Ева Митевска во атлетската дисциплина 100 метри, освојувајќи го осмото место во финалната трка и вбројувајќи се меѓу осумте најдобри млади спринтерки на Игрите. Особено значајно е што во финалето Ева истрча 12,28 секунди, подобрувајќи го својот најдобар резултат. Овој настап е потврда за нејзиниот напредок и способноста да го даде најдоброто токму на најважната трка.



Во пливање, Петар Цеков настапи во дисциплината 400 метри слободно, со време од 4:10,60 минути, освојувајќи 4. место во својата група и 21. место во генералниот пласман. Неговата главна дисциплина, 800 метри слободно, која претставуваше негов најсилен адут, беше откажана поради високата температура на водата во базенот. Одлуката беше донесена од организаторите во интерес на безбедноста и здравјето на натпреварувачите.

Марио Брезовски е првиот македонски триатлонец кој се квалификувал на едни Младински олимписки игри. Тој настапи во спринт триатлон (750 метри пливање, 20 километри велосипедизам и 5 километри трчање) и го заврши натпреварувањето на 24. место со време од 59:06 минути. Особено впечатлив беше неговиот пливачки дел, во кој Марио излезе прв од водата, пред сите останати натпреварувачи. Неговиот настап беше обележан со висока конкурентност и борбеност, потврдувајќи го потенцијалот што го носи.

„Младите спортисти навистина ме воодушевија со својата посветеност, дисциплина, одговорност и односот кон обврските во текот на целиот престој. За мене, како шеф на делегацијата, беше особено задоволство да ги следам не само нивните тренинзи и настапи, туку и начинот на кој се претставуваа надвор од спортските терени. Ова беше многу повеќе од натпреварување, беше можност да растат како спортисти и личности. Настапите во Дакар треба да се вреднуваат не само низ призмата на конечните пласмани, туку и преку постигнатите лични резултати, конкурентноста, спортскиот напредок и искуството стекнато во меѓународна конкуренција. Финалето и најдобриот резултат на Ева, настапот на Петар во изменети околности и историското учество на Марио се три различни, но подеднакво важни приказни за младинскиот спорт во Македонија“, истакна Елена Зисовска Апостолска, шефица на македонската делегација.

Зад настапите на македонските спортисти стоеше и посветен тренерски тим, составен од Горан Стаменов, тренер по пливање, Данчо Ѓорѓијевски, тренер по триатлон и Божурка Ѓошевска, тренерка по атлетика, чија стручна работа и поддршка беа важен дел од подготовките и настапите на спортистите.

Македонскиот олимписки комитет им честита на спортистите, нивните тренери и националните спортски федерации за вложениот труд, посветеноста и достоинственото претставување на државата.

Младинските олимписки игри се завршени, но за овие млади спортисти тие се само една важна станица на патот кон нови спортски предизвици. Македонија беше дел од историјата, а иднината на македонскиот спорт продолжува да се гради токму преку ваквите генерации.



Сподели
Напишано од
Александар Ванев -

Основач, главен и одговорен уредник на спортскиот веб портал Спортска Мрежа, специјализиран за македонски спорт. Александар Ванев со спортско новинарство започнува на 1. август 2010 година, неговиот најголем проект е Спортска Мрежа, тој е спортски коментатор и во неговата кариера има коментирано натпревари од Втората и Третата фудбалска лига на Македонија, од Првата футсал лига на Македонија, Куп на Македонија, Прва и Втора женска фудбалска лига, како и натпревари од македонскиот ракомет. Ванев е член на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ). Ванев е спортски новинар посветен на македонскиот спорт, првиот и единствен кој темелно ја работи Третата и Четвртата (општинската лига) во Македонија.

Не пропуштајте

Останато

Дарија Крстевска постави нов младински национален рекорд на 5 километри на пат

Македонската атлетичарка Дарија Крстевска, членка на Атлетскиот клуб Олимп, постави нов национален рекорд во категоријата младинки до 20 години (У20) на 5 километри...

Останато

Министерот Ристовски ги поздрави финалистите на 55.Меѓународен боксерски турнир „Златен гонг“

Министерот за спорт Борко Ристовски заедно со градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска, присуствуваше на финалните борби на јубилејното 55.издание на...

Поврзани написи
РепрезентацијаФудбалска репрезентација

Македонија вечерва против Словенија, можеме ли конечно до победа?

Македонската фудбалска репрезентација вечерва го затвора настапот во Б-сегментот од Лигата на...

✕
error: Содржина е заштитена! Се забранува копирање на истата!