По натпреварот со Естонија, селекторот на женската сениорска репрезентација на Македонија, Виктор Петровски, истакна дека националниот тим минува низ процес на создавање нова селекција, во кој особено е изразена генерациската промена и вклучувањето на поголем број млади кошаркарки.
Без оглед на резултатот, Петровски ги потенцираше карактерот, борбеноста и пожртвуваноста на кошаркарките, како и нивниот однос кон репрезентативниот дрес. Според него, токму овие вредности се од особена важност во периодот на градење на новиот тим. Како позитивен пример го посочи и дуелот со Романија, во кој Македонија беше подобра во второто полувреме, што, според селекторот, покажува дека селекцијата поседува потенцијал за напредок и може да одговори на предизвиците што претстојат.
„Мораме да бидеме реални дека сме тим кој е во процес на создавање, со многу млади кошаркарки и соочен со голема генерациска промена.
Она што особено сакам да го истакнам е карактерот на овие кошаркарки. Се бореа до последната секунда, веруваа и не се предадоа ниту во еден момент. За мене, како тренер, тоа е исклучително важно. Нивниот пристап, пожртвуваност и однос кон репрезентативниот дрес се нешто што навистина го ценам.
Ако се навратиме и на натпреварот со Романија, фактот што го добивме второто полувреме покажува дека можеме да одговориме на предизвиците и дека оваа екипа има потенцијал. Тоа треба да ни даде дополнителна самодоверба и мотив да продолжиме да работиме. Секако, свесни сме дека имаме уште многу работи на кои треба да работиме и да ги подобруваме.
Во иднина вели дека ќе продожат оптимистички да работат, да созреваат како една нова млада репрезентација која ќе се бори за успеси.
Имам огромна доверба во оваа група. Верувам во нивниот квалитет, потенцијал и карактер. Имаат целосна поддршка од мене и ќе продолжиме да работиме заедно.
Најважно е да останеме заедно и да изградиме тим кој ќе се бори за секоја топка и за секоја победа. Јас верувам во овој тим и убеден сум дека со заедничка работа можеме да направиме многу повеќе во периодот што следи“, истакна Петровски.