Познати се стартните состави за вечерашната пресметка меѓу Македонија и Словенија, со која двете репрезентации ќе го заокружат настапот во групната фаза од Б-сегментот на УЕФА Лигата на нации.
Натпреварот ќе се одигра на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје, со почеток од 20:45 часот, а селекторот Гоце Седлоски се одлучи за офанзивна поставеност, со која македонската репрезентација ќе се обиде да стигне до позитивен резултат.
Во споредба со претходниот натпревар против Шкотска во Глазгов, во почетниот состав се најде Елези, кој ќе добие можност да настапи од првата минута.
На голот повторно ќе биде Столе Димитриевски, додека одбранбената линија ќе ја сочинуваат Илиевски, Младеновски, Муслиу и Алиоски.
Во средниот ред ќе дејствуваат Елези, Гаштаров и капитенот Енис Барди, додека офанзивното трио ќе го предводат Елиф Елмас, Дарко Чурлинов и Елмин Растодер.
Токму од оваа тројка ќе се очекува најголемата опасност кон противничкиот гол, особено од Растодер, кој беше стрелец на единствениот погодок за Македонија во поразот од Шкотска со 2:1.
Македонија (4-3-3): Димитриевски; Илиевски, Младеновски, Муслиу, Алиоски; Елези, Гаштаров, Барди; Елмас, Растодер, Чурлинов.
Словенија (5-4-1): Облак; Карничник, Дркушиќ, Зец, Залетел, Јанза; Матко, Забуковник, Гнезда-Черин, Штурм; Випотник.
Словенечкиот селектор Боштјан Цезар се одлучи за формација со петмина фудбалери во последната линија, а меѓу стативите ќе биде искусниот Јан Облак. Најистурен во нападот ќе биде Випотник.
Македонската репрезентација веќе е сигурна на последното место во групата и ќе мора преку бараж да се бори за опстанок во Б-сегментот од Лигата на нации.
Сепак, вечерашниот дуел претставува можност избраниците на Седлоски да го поправат впечатокот од претходните натпревари и да стигнат до првите бодови во ова издание од натпреварувањето.
Од друга страна, Словенија има резултатски мотив да го зачува второто место во групата, кое носи бараж за пласман во најсилниот А-сегмент.
Македонија – Словенија, вечерва од 20:45 часот на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје.