Македонската репрезентација до 17 години оствари голема победа, 3:2 против Унгарија на натпреварот од воведното коло од првата квалификациска рунда за Европското првенство до 17 години. Нашите надежи доминираа во текот на мечот, заслужено се радуваме на голем триумф. Македонија е дел од првата квалификациска рунда, Група 11, која се игра во Трабзон, Турција, од 11 до 17 ноември 2026 година со селекциите на Турција, Унгарија и Сан Марино.
Стефан Ристиќ е херој на нашите надежи. Со хет-трик донесе победа, откако се вративме од два гола негатива. Селекцијата предводена од Иљами Исејни сега има голема шанса за пласман во втората квалификациска рунда – Лига А за пласман на Европското првенство, во следното коло се соочуваме со Сан Марино.
Противникот во 8. минута го отвори резутатот преку Арон Хорват. Нашата селекција имаше неколку солидни обиди во полувремето преку Полимац, Ристиќ и Крстевски, но не успеа да стигне до израмнување. Во продолжението, Унгарија веќе во 48. минута преку капитенот Тимот Фаркаш зголеми на 2:0, но Стефан Ристиќ во 55. минута даде гол за Македонија и ја врати неизвеснота во мечот. Во 66. минута обид за израмнување имаше и Велевски, а Ристиќ во 86. минута по додавање на Николов донесе израмнување. Стефан Ристиќ во четвртата минута од продолжението го даде својот трет гол за голема победа на Македонија.
На 14. ноември, Македонија ќе се соочи со Сан Марино во второто коло од групата. Турнирот го затвораме со меч против домашната Турција на 17. ноември.
Првопласираните две репрезентации од секоја група се пласираат во втората квалификациска рунда – Лига А. Останатите репрезентации продолжуваат во Лига Б. Во втората рунда, напролет 2027 година, 28 репрезентации во Лига А ќе се борат за седумте места на завршниот турнир. Седумте победници на групите од Лига А ќе се пласираат на ЕУРО 2027, каде што домаќин е Летонија (24 мај – 6 јуни 2027).