Футсал репрезентацијата на Македонија со пораз го започна квалификацискиот циклус за пласман на Светското првенство. На гостувањето во Финска, нашите футсалци загубија убедливо со 6:1.
Домаќините поведоа уште во третата минута со голот на Ласе Линтула, но Македонија брзо возврати. Бојан Јанев во петтата минута ја затресе мрежата на Финците за израмнување на 1:1.
Сепак, во 15. минута Сергеј Корсунов повторно му донесе предност на домашниот состав, а во финишот на првото полувреме Матин Ахмади зголеми на 3:1.
Финска продолжи во ист ритам и во вториот дел. Алекси Пиритијоки во 23. минута погоди за 4:1, додека Анти Коивумаки во 35. минута ја зголеми предноста на 5:1. Конечните 6:1 ги постави Линтула со својот втор погодок на натпреварот, во 36. минута.
Македонија во самата завршница имаше можност да го ублажи поразот, но Јакуп Рамадан не успеа да реализира удар од белата точка.
Во второто коло од квалификациите, Македонија ќе ја има улогата на домаќин против силната селекција на Шпанија. Натпреварот е закажан за 8 декември.