Фудбалерите на Скопје во минатото коло успеаја да го изненадат Силекс, ремизирајќи на домашен терен и освојувајќи значаен бод. Сепак, денеска ги очекува нов сериозен предизвик, бидејќи гостуваат во Кавадарци кај Тиквеш, екипа која прикажува одлични настапи, особено пред своите навивачи.
Избраниците на Иван Варадиновски ќе се обидат да ја повторат дисциплинираната игра од претходниот натпревар и да му се спротивстават на фаворизираниот домаќин. Рецептот за евентуален позитивен резултат веројатно ќе биде сличен – цврста и организирана одбрана, компактен среден ред и максимална концентрација во обидот да се неутрализираат главните адути на противникот.
„Подготвени сме за надигрување и се надеваме на позитивен резултат“, порачуваат од тимот од Автокоманда во пресрет на натпреварот.
ФК Скопје и понатаму е без победа во елитата од стартот на првенството и се наоѓа на последната позиција на табелата со четири освоени бода. Тиквеш е третопласиран со 21 бод.
Натпреварот меѓу Тиквеш и Скопје закажан за 13:00 часот на Градскиот стадион во Кавадарци a ќе го суди Благојче Ралевски.