Шкендија го доби тетовското дерби против Тетекс со 6:0 во 11. коло на Младинската суперлига. Флори Илази промаши пенал во 9. минута, но само една минута подоцна Бенарт Јани го отвори резултатот. Адем Реџепи погоди во 12. и 71. минута, Бајрам Косоврасти во 48., а Ердин Мамути и Илази ја заокружија победата со голови во 83. и 85. минута. По претходните 3:0 против Пелистер, Шкендија има девет постигнати гола без примен во последните два натпревари.
Тетовци стигнаа до 24 бода од 11 натпревари, четири помалку од Вардар. Лидерот има 28 бода од десет средби, со девет победи и едно реми, па со победа во натпреварот што го има помалку би можел повторно да се одвои на седум бода.
Пелистер го совлада Охрид со 3:0 со головите на Лука Илијовски во 30., Никола Капсаров во 54. и Петар Смилков во 71. минута. Битолчани стигнаа до 17 бода, два помалку од третопласираниот Работнички, кој одигра 2:2 со Шкупи. Иљир Дјони ги доведе чаирчани во водство во 23. минута, Давид Георгиевски израмни во 24., а Матеј Киш направи пресврт во 40. минута. Шкупи дојде до бод со автоголот на Јован Миленковски во 82. минута.
Македонија Ѓорче Петров ја совлада Брегалница со 4:1. Георгиј Димишковски погоди во 38. минута, а Дарин Михајловски постигна хет-трик со голови во 52., 63. и 76. минута. Стефан Николов го ублажи поразот од пенал во 79. минута. Брегалница има 15 бода и в сабота, на 7 ноември од 11 часот, го пречекува Пелистер во Штип. Со победа би ги прескокнала битолчани на табелата.