Македонската ракометна репрезентација на најдобар можен начин го започна патот кон Европското првенство во 2028 година. Избраниците на Кирил Лазаров приредија убедлива партија пред домашната публика и го декласираа Луксембург со 41-23, најавувајќи дека сериозно влегуваат во новиот квалификациски циклус.
Од самиот почеток беше јасно кој ќе го диктира темпото. Македонија отвори со 3-0, а потоа предноста експресно ја зголеми на 9-1. Цврстата одбрана, предводена од расположениот Мартин Томовски, беше една од клучните причини за целосната контрола на натпреварот. Гостите тешко пронаоѓаа решение за македонскиот бедем, па на паузата заминаа со двоцифрен дефицит – 20-10.
Нападот функционираше одлично, а опасноста кон противничкиот гол пристигнуваше од сите позиции. Својата шанса ја искористи и новиот репрезентативец Хориха, кој во првото полувреме трипати се запиша меѓу стрелците. Ниту раниот тајм-аут на селекторот на Луксембург, Дидие Динар, не успеа да го запре налетот на македонските ракометари.
И во продолжението избраниците на Лазаров не го намалија интензитетот. Динар се обиде со дополнителни прекини да ја разбуди својата екипа и да пронајде начин за враќање во натпреварот, но Македонија не дозволи никакво изненадување. Напротив, предноста постојано растеше, а селекторот доби можност да им даде минутажа и на ракометарите од поширокиот состав.
Во вторите 30 минути на теренот се појавија Ристевски, Аларов, Костески и Дамјан Митев, додека на голот застана и Галевски. Промените не ја нарушија сигурноста на домашниот состав, кој продолжи да ја контролира играта и на крајот стигна до убедлив триумф од 41-23.
Со одлична одбрана, разновиден напад и колективна игра, Македонија испрати охрабрувачка порака на стартот од квалификациите. Сепак, вистинскиот тест допрва следува – избраниците на Лазаров на 8 ноември гостуваат кај Грција во Халкида, каде ќе имаат можност да го потврдат силниот почеток и да направат нов чекор кон ЕП 2028.