ЕХФ неделата ќе донесе меѓусебни дуели меѓу македонските кадетски и младински ракометари. Двете селекции ќе одиграат два пријателски натпревари, кои за кадетите ќе претставуваат можност за дополнителна проверка и продолжување на работата во националниот дрес.
Селекторот Горан Кузманоски за претстојната акција повика 17 ракометари. Во составот доминираат играчи кои ја претставуваа Македонија на Европското првенство во Србија, каде што кадетската репрезентација го освои деветтото место. Во однос на тимот од континенталниот собир, овојпат ги нема Георгиев и Угреновиќ, додека нови имиња се Симовски и Радуловиќ.
Првата средба меѓу двете македонски селекции е закажана за в среда од 15:00 часот, а нова можност за меѓусебно надигрување ќе имаат в петок, кога вториот натпревар ќе започне во 12:00 часот.
Овие дуели ќе му послужат на стручниот штаб да добие дополнителен увид во формата и можностите на кадетите, но и да продолжи со градењето на генерацијата која треба да ја претставува Македонија во наредниот период.