Вардар ја продолжи победничката серија во домашниот шампионат и ја потврди лидерската позиција со триумф над најголемиот ривал Еурофарм Пелистер. Во деветтото коло од Суперлигата, пред исполнетите трибини во „Јане Сандански“, скопскиот тим славеше убедливо со 31-23, откако на паузата имаше предност од 15-12.
Големиот интерес за дербито се почувствува уште пред почетокот, а навивачите создадоа атмосфера достојна за најголемиот натпревар во македонскиот ракомет. На теренот, Вардар уште во воведните минути покажа дека е подготвен да ја преземе контролата. Домашните направија почетна разлика од три гола, пред битолчани постепено да се вратат во резултатски приклучок.
Голманот Милош Валах имаше одличен почеток со неколку важни интервенции, но подоцна неговото место го презеде Васил Гогов, кој особено во продолжението одигра значајна улога. На спротивната страна, Хеидарирад исто така имаше свои моменти, па голманите беа важен фактор во првиот дел.
Тренерот Иван Чупиќ направи и неколку тактички промени, меѓу кои и користењето на формацијата со дополнителен играч во нападот, додека Пелистер возвраќаше со игра седум на шест. Сепак, Вардар подобро се снајде во тактичкото надигрување и со погодокот на Фадхуил од седмерец во завршницата замина на одмор со три гола предност.
Клучниот период се случи веднаш по паузата. Вардар максимално ги казнуваше грешките на гостите, а одбраните на Гогов отворија простор за лесни погодоци на празна мрежа. Предноста брзо порасна на шест гола (22-16), а во 46. минута по реализацијата на Де Силва, домашниот состав веќе имаше убедливи 26-18.
Пелистер се обидуваше да ја промени сликата со игра седум на шест, но Вардар имаше одговор за секој обид на гостите да се вратат во натпреварот. Во завршните минути домашните рутински ја контролираа предноста и стигнаа до деветтата победа во исто толку одиграни кола, со која остануваат непоразени на врвот на табелата.
Леон Љевар со седум погодоци беше најефикасен кај Вардар, а Жоао Педро Да Силва постигна шест. Кај Еурофарм Пелистер најдобар стрелец беше Филип Кузмановски со девет гола.