Ракометарите на Охрид продолжуваат со успешните настапи во Супер лигата. „Гладијаторите“ се враќаат со цел плен од гостувањето кај Куманово, каде што славеа со 28-24 во средбата од деветтото коло. Избраниците на Борис Ројевиќ уште во првиот дел ја изградија клучната предност, а и покрај обидите на домаќинот да се врати во натпреварот, не дозволија да биде загрозен нивниот триумф.
Охриѓани брзо ја презедоа контролата по почетното водство на Куманово од 2-1. Со серија од пет погодоци направија пресврт за 6-2, а иако домашните успеаја да се доближат на само еден гол (7-6), следуваше нов налет на гостинскиот состав. Предноста повторно порасна, овојпат на шест разлика (13-7), па на полувремето Охрид имаше комотни 16-11.
Во продолжението гостите дополнително ја зголемија позитивата и стигнаа до највисоките плус осум (20-12). Куманово, сепак, не се предаде и преку бековската линија и расположениот нов пивот Густаво Фереира успеа да ја намали негативата. Во 43. минута резултатот гласеше 21-17, а десет минути пред крајот домашниот тим сè уште беше на четири гола негатива (24-20). Охрид на време одговори со два погодоци и ја одби последната закана, сигурно приведувајќи го дуелот до крај.
Во домашниот состав најмногу се истакна новото засилување Густаво Фереира, кој дебитираше за Куманово оваа сезона и имаше перфектен учинок од седум гола од исто толку обиди. Наум Костов постигна пет, а Карим Закарија четири погодоци. Во тимот на Куманово го немаше египетскиот бек Хамза Мамду.
Кај Охрид, Мартин Карапалевски и Адама Кеита завршија со по четири реализации, додека Тилен Штрмљан, Доминик Мате и Мартин Ивановски постигнаа по три гола.
Со новите бодови Охрид стигна до вкупно 15 од девет одиграни натпревари и привремено се искачи на четвртата позиција, со напомена дека колото сè уште не е комплетирано. Куманово останува на три бода. Во следната рунда охриѓани ќе го пречекаат Младост Богданци, додека Куманово го очекува гостување против Струга.