Македонското ски-планинарство испишува нова страница во својата историја! Федерацијата за планинарство на Македонија (ФПСМ) официјално стана полноправна членка на Меѓународната федерација за ски-планинарство (ISMF), со што се отвораат нови можности за развој на овој спорт и настапи на македонските натпреварувачи на најголемата меѓународна сцена.
Одлуката за прием беше донесена на Пленарното собрание на ISMF, одржано на 16 и 17 октомври 2026 година во Закопане, Полска. Со ова Македонија добива официјално претставништво во меѓународната организација која обединува повеќе од 50 национални федерации од целиот свет.
Станува збор за значаен исчекор за македонскиот планинарски спорт, особено ако се земе предвид дека ски-планинарството веќе е дел од олимпиското семејство. ISMF од 2016 година е целосно признаена од Меѓународниот олимписки комитет, а ски-планинарството го имаше своето олимписко деби на 19 февруари 2026 година во Бормио, во рамките на Зимските олимписки игри Милано – Кортина 2026.
Нови можности за македонските клубови и натпреварувачи
Полноправното членство во ISMF носи значајни придобивки за македонското ски-планинарство. Домашните натпреварувачи ќе имаат можност да ја претставуваат Македонија на натпреварите од календарот на светската федерација, вклучително и во Светскиот куп, светските и континенталните првенства.
Истовремено, ФПСМ добива право на полноправно учество во работата и одлучувањето на ISMF, како и пристап до меѓународните правила, стандарди и едукативни програми за судии, тренери и организатори на натпревари.
Ова претставува важна основа за понатамошен развој на спортот, создавање нови генерации натпреварувачи и подобрување на условите за организирање домашни и меѓународни натпреварувања.
Еден век традиција на македонските планини
Иако ски-планинарството денес добива сè поголемо меѓународно признание, неговите корени во Македонија се длабоки и датираат од пред речиси еден век.
Уште во 1924 и 1925 година, Орестије Крстиќ ги донел првите скии во Тетово, со што започнал развојот на скијањето на Шар Планина.
На 3 март 1926 година било забележано првото спуштање со скии од повисок планински предел, од врвот Љуботен, а веќе следната година биле откриени терените на Попова Шапка.
Во тие години, првите тетовски скијачи пешачеле и по пет часа со скиите на рамо за да стигнат до снежните терени на Шар Планина.
Значаен момент се случил на 11 ноември 1934 година, кога бил отворен првиот планинарски дом на Попова Шапка. Истата година бил организиран и првиот скијачки натпревар меѓу скијачи од Тетово и Скопје.
Пелистер – планина со богата скијачка историја
Паралелно со развојот на скијањето на Шар Планина, скијачката традиција се развивала и на Пелистер.
Во 1933 година, битолчанецот Панде Димитровски сам изработил скии, а на 31 декември 1935 година било основано планинарското друштво „Пелагонија“.
Две години подоцна започнала изградбата на планинарскиот дом на Копанки, додека во 1938 година била формирана и првата скијачка секција.
Особено интересен настан се случил во март 1940 година, кога осуммина членови на „Пелагонија“ реализирале исклучително напорен скијачки предизвик.
Тие тргнале пред изгрејсонце од Штампаревац, поминале преку врвот Пелистер, покрај Малото и Големото Езеро, а потоа преку планинскиот гребен на Баба, Муза и Неолица стигнале до Битола.
Патеката долга околу 48 километри ја поминале за 17 часа и 30 минути, пристигнувајќи во Битола во 21 часот.
Меѓу учесниците биле Борис Алтипармак, Димитар и Спирко Спирковски, Петар Бојаџиевски, Васил Дамјановски и Вангел Василевски.
На 2 март 1941 година била организирана уште една трка, овојпат во должина од 38 километри, со старт од планинарскиот дом на Копанки. Победник бил Петар Бојаџиевски, второто место го освоил Вангел Василевски, додека трет завршил Петар Лазаревски.
Овие активности претставуваат рани примери на ски-планинарството во Македонија, многу пред спортот да го добие својот денешен меѓународен натпреварувачки облик.
Од турно скијање до современото ски-планинарство
Во поновата историја, значаен чекор беше направен на 14 април 2024 година, кога на Пелистер за првпат по осамостојувањето на Македонија се одржа натпревар во Турно ски купот.
Во 2025 година, во рамките на Турно купот на Македонија на Шар Планина, ФПСМ и Планинарскиот клуб Кораб од Скопје за првпат организираа натпревар во дисциплината спринт.
На натпреварувањето учествуваа вкупно 20 натпреварувачи, од кои 15 мажи и пет жени.
Во 2026 година, поради неповолните снежни и временски услови, планираните натпревари на Пелистер и Попова Шапка беа откажани.
Сепак, во февруари истата година, по повод стогодишнината од првото скијање во Македонија, Планинарскиот клуб Љуботен и Комисијата за турно скијање при ФПСМ организираа турно тура до врвот Љуботен, оддавајќи почит на пионерите на овој спорт.
Божиновски: Полноправното членство е признание, но и обврска
На Генералното собрание на ISMF во Закопане, претседателот на ФПСМ, Даниело Божиновски, го истакна историското значење на приемот во светската федерација, но и одговорноста што следува за развојот на македонското ски-планинарство.
„Ова е ден за сите генерации планинари кои ги искачуваа Шара и Пелистер на скии – од пионерите од 1926 и 1940 година до денешните натпреварувачи. Полноправното членство во ISMF е признание за нивната работа, но и обврска.
Сакам јавно да им се заблагодарам на Томица Котевски, претходниот Претседател на Комисијата за турно скијање при ФПСМ, и на Петар Нолев. Нивниот придонес за развојот на овој спорт е огромен, а нивната работа е темелот врз кој денес стоиме. Без нив оваа мисија немаше да успее.
Сега пред нас е нова задача: да создадеме услови младите да тренираат, да се натпреваруваат и да ја претставуваат Македонија на светските трки. Тоа им го должиме и на пионерите и на генерациите што доаѓаат.“

Нова страница за македонското ски-планинарство
Со приемот во ISMF, Македонија добива можност да биде дел од организираниот светски систем на ски-планинарството, спорт кој во последните години бележи значаен меѓународен развој и веќе има свое место на олимписката сцена.
Пред ФПСМ и домашните клубови сега следува предизвикот да се создадат подобри услови за тренинг, да се зголеми бројот на активни натпреварувачи и да се обезбеди континуирано присуство на меѓународните натпреварувања.
Од првите скијачки спуштања на Љуботен пред сто години, преку историските планински подвизи на Пелистер, до полноправното членство во светската федерација – македонското ски-планинарство помина долг пат.
Сега започнува ново поглавје, со можност македонските натпреварувачи да го носат државното знаме на најголемите светски натпреварувања во овој олимписки спорт.