Футсал репрезентацијата на Македонија до 19 години забележа победа од 6:3 против Црна Гора во вториот контролен натпревар, кој се одигра во Тиват.
Избраниците на селекторот Зоран Лекиќ одлично го отворија натпреварот и веќе во третата минута поведоа со голот на Лео Стоевски. Михаил Гоговски во шестата минута ја удвои предноста, а Александар Крстевски во десеттата минута зголеми на 3:0.
Само една минута подоцна, Балша Ракочевиќ ја затресе сопствената мрежа за убедливо водство на Македонија од 4:0.
Домаќините успеаја да намалат преку Филип Гопчевиќ во 17. минута, а шеесетина секунди подоцна Милан Рагановиќ постигна уште еден погодок за Црна Гора и ги врати надежите на својот тим.
Македонија повторно се одлепи на три гола разлика во 25. минута, кога Матеј Ангеловски погоди за 5:2. Богдан Головиќ во 28. минута намали на 5:3, но конечниот резултат го постави Христијан Ризов, кој се запиша меѓу стрелците две минути пред крајот на натпреварот.
Со оваа победа, македонските футсал надежи до 19 години успешно го завршија вториот контролен дуел против црногорската селекција.