Ивана Пројковска ќе биде главен судија, а Елена Соклевска – Илиевски прв асистент на натпреварот меѓу Арсенал и Бенфика во женската Лига на шампионите. Уште едно значајно меѓународно делегирање за македонските судијки, кои ќе бидат дел од официјалниот судиски тим на дуелот што ќе се одигра утре (среда) од 21:00 часот во Борехамвуд, на стадионот „Мидоу Парк“.
Делегирањето на Пројковска и Соклевска – Илиевски претставува уште една потврда за големата доверба што УЕФА ја има во македонските судијки. Во изминатиот период тие редовно добиваат важни натпревари на меѓународната сцена, што е признание за нивната професионалност, квалитет и досегашната работа.
Преку квалитетно завршените судиски задачи на европските натпреварувања, македонските судијки продолжуваат да го потврдуваат својот квалитет и да го афирмираат македонското фудбалско судење на меѓународно ниво.
На утрешниот натпревар меѓу англискиот и португалскиот претставник, покрај Пројковска и Соклевска – Илиевски, ќе бидат ангажирани и судиски официјални лица од Словачка, Хрватска, Србија, Швајцарија, Ирска и Франција.
Комплетниот судиски тим за дуелот Арсенал – Бенфика
– Главен судија: Ивана Пројковска (Македонија)
– Прв асистент: Елена Соклевска – Илиевски (Македонија)
– Втор асистент: Александра Варгова (Словачка)
– Четврти судија: Сабина Болиќ (Хрватска)
– ВАР-судија: Момчило Марковиќ (Србија)
– Помошник ВАР-судија: Дебора Ане (Швајцарија)
– Контролор на судењето на УЕФА: Хилда Мекдермот (Ирска)
– Делегат на УЕФА: Сабин Бонин (Франција)
Арсенал во првите две кола од женската Лига на шампионите забележа една победа и едно реми. Англискиот тим го совлада Коге со минимални 1:0, а потоа одигра нерешено 2:2 против Париз.
Бенфика, пак, ја отвори новата сезона со значаен триумф на гостувањето кај Јувентус, совладувајќи го италијанскиот состав со 1:2. Сепак, во второто коло португалскиот тим претрпе убедлив домашен пораз од Баерн Минхен со 0:3.
Натпреварот Арсенал – Бенфика се игра утре (среда) од 21:00 часот на стадионот „Мидоу Парк“ во Борехамвуд, а Македонија ќе има две свои претставнички во судискиот тим.