Охрид е на чекор до пласман во следното коло од ЕХФ Европскиот Куп, откако убедливо го совлада Спор Тото со 36-24 (18-10) на првиот натпревар во СЦ „Билјанини Извори“. „Гладијаторите“ направија значителна предност, но во таборот на македонскиот претставник се свесни дека задачата сè уште не е завршена.
Тилен Стрмљан смета дека Охрид го покажал својот квалитет во првата пресметка, иако имало и одредени грешки во играта. Сепак, ракометарот нагласува дека тимот мора да остане максимално сконцентриран и на реваншот, без потценување на противникот, кој покажа дека располага со квалитет.
„Се подготвивме за натпреварот како и за секој друг. Дадовме 100%. Имаше неколку грешки, но на крајот дојде до израз нашиот квалитет и мислам дека добро го одигравме првиот натпревар. Сега утре мораме повторно да пристапиме на истиот начин, уште од самиот почеток, бидејќи тие се добра екипа и не смееме да ги потцениме. Денеска видовме дека знаат да играат, така што утре повторно мораме да бидеме на 100% за да се пласираме во следното коло.“- изјави Стрмљан за Спортска Мрежа.

Охрид ќе има можност да ја потврди предноста и да го завери пласманот во следната рунда пред своите навивачи. Реваншот против Спор Тото е закажан за утревечер од 18:30 часот во СЦ „Билјанини Извори“, а Стрмљан и соиграчите најавуваат дека повторно ќе влезат со максимален ангажман.