Дисциплинската комисија при Фудбалската федерација на Македонија донесе одлуки по одигрувањето на натпреварите од 10. коло во Првата и 8. коло во Втората македонска фудбалска лига. Изречени се суспензии за четворица фудбалери, а истовремено се поведени дисциплински постапки против два клуба и еден клупски функционер.
ФК Шкендија Арачиново 77 се соочува со дисциплинска постапка поради слаба организација на натпреварот од 10. коло во Првата МФЛ против ФК Струга Трим Лум. Како причина е наведено присуството на неслужбени лица во службените простории. Постапка е поведена и против Сулејман Алими, извршен директор на клубот, поради вербален напад и упатени закани кон судиската четворка по завршувањето на истиот натпревар.
Дисциплинска постапка е покрената и против ФК Камјани, поради слаба организација на средбата против ФК Кожуф, одиграна во рамките на 8. коло во Втората МФЛ.
Покрај дисциплинските постапки, Комисијата донесе одлуки и за суспензија на четворица фудбалери. Мартин Тодоров од Шкендија Арачиново и Дарко Денков од Детонит добија суспензии од по два натпревари. Енис Дервиши од Камјани е суспендиран на три натпревари, додека Давид Ристовски од АП Брера Струмица нема да настапи на еден натпревар.