Македонскиот одбојкарски шампион Штип УГД е во Холандија, каде што во среда ќе го има историскиот дебитантски настап во Лигата на шампионите. Противник на македонскиот претставник ќе биде холандскиот првак Орион Старс, а за натпреварот веќе се познати и официјалните судии.
Дуелот е закажан за 21 октомври, со почеток во 20:00 часот, во салата „SaZa Topsporthal“ во Дутинхем. За Штип УГД ова е прв настап во најелитното европско клупско натпреварување, по успешната мината сезона во која клубот за првпат се искачи на шампионскиот трон во Македонија.
На клупата на штипјани е младиот стратег Кристијан Ристески, чии избраници во Холандија пристигнуваат со високи амбиции и позитивна атмосфера. Минатата сезона Штип УГД ја освои двојната круна, со првата шампионска титула во клупската историја и трет последователен трофеј во Купот на Македонија. Новата натпреварувачка сезона ја започна со уште еден успех, освојувајќи го Суперкупот на Македонија во Тетово против ГОК Борец од Велес.
Холандскиот тим, предводен од тренерот Дирк Спариданс, внимателно ќе му пристапи на дуелот со македонскиот шампион, кој минатата сезона го направи првиот чекор на европската сцена. Штип УГД веќе има и европска победа зад себе, откако минатата сезона го совлада норвешкиот Кол Ил во Радовиш, а сега го очекува најголемиот предизвик досега.
За главни судии на натпреварот меѓу Орион Старс и Штип УГД се делегирани Бошко Милиќ од Австрија и Соња Симоновска од Црна Гора.
Македонскиот првак така го започнува новото европско поглавје со гостување кај шампионот на Холандија, во обид да се претстави во најдобро светло и достојно да ја претставува македонската одбојка на големата европска сцена.