Екипата на Раштани Спорт ја имаше најубедливата победа во рамките на 3. коло на Општинската фудбалска лига во Велес, откако со 3:0 славеше над Форца Нова на домашен терен.
До овој триумф тимот на Раштани Спорт стигна преку двата гола на Даниел Трајковски и голот на Дамјан Јовановски.
Дуелот меѓу Согле и Горски заврши без голови (0:0) и тоа беше практично единствениот меч од оваа рунда без голови.
Со голот на Роберто Трипчев во 50. минута, некогашниот второлигаш Локомотива од Градско славеше над ланскиот третолигаш Тополка на домашен терен.
Врановци и Бузалкова ги поделија бодовите откако домаќинот се спаси од пораз со гол во 89. минута за конечните 1:1.
Гостинот преку Илас Џемаиловски во 37. минута стигна до предност од 0:1 на полувреме. Во вториот дел гостинот ја чуваше предноста до самиот финиш кога беше скршен отпорот со голот на Аљбан Биба во 89. минута за конечни 1:1.
Плавник слави гостинска победа од 1:2 над Младост на Градскиот стадион во Велес. Гостинот преку Армен Мемедов имаше 0:1 на полувреме. Во 65. минута Славчо Наковски израмни на 1:1, а пак по единаесет минути игра Бесник Муртезани постигна гол за конечни 1:2 и славје на три бода за гостинот.
Во поглед на табелата по три кола Раштани Спорт и Локомотива Градско го делат првото место со по седум бодови, Горски е трет со пет бодови, по четири бода за делба на четвртото место имаат Врановци, Плавник и Форца Нова, Бузалкова и Тополка го делат седмото место по три бода, Согл е претпоследен со два бода, на дното е Младост како единствен тим без бодови.