По убедливиот пораз на гостувањето кај Вардар во минатото коло, ракометарите на Охрид ќе имаат можност за брз одговор пред домашната публика. „Гладијаторите“ во 6. коло од Супер машката лига го пречекуваат Алкалоид, во уште едно дерби од домашниот шампионат.
Охриѓани овојпат ќе имаат дополнителен мотив, бидејќи по тешкиот пораз во Скопје сакаат да покажат поинакво лице на домашен терен. Средбата со Алкалоид доаѓа во период во кој охриѓани го фаќаат ритамот пред европскиот предизвик, а ова ќе биде еден од двата натпревари кои тимот ќе ги одигра пред настапот во ЕХФ Европскиот Куп. Од таборот на Охрид веруваат дека домашниот терен и поддршката од трибините можат да бидат клучни за враќање на победничкиот пат.
Ракометарот на Охрид, Никола Зечевиќ, очекува нова битка и верува во својот тим. Тој најавува борба за нови бодови пред охридската публика.
„Нè очекува уште едно дерби, овој пат против екипата на Алкалоид. После еден тежок пораз во Скопје очекувам и верувам во својата екипа дека ќе се издигнеме и ќе ја израдуваме охридската публика со бодови во сабота.“- изјави Зечевиќ.

Охрид и Алкалоид ќе ги одмерат силите во сабота од 18:30 часот во СРЦ „Билјанини извори“, во дерби кое за охриѓани доаѓа како можност за реакција по поразот од Вардар. Домашниот терен повторно треба да биде нивниот најсилен адут, а победа против Алкалоид би била одлична увертира пред завршниот дел од подготовките за европската сцена.
