Уште еден одличен настап за младата охридска пливачка Девран Куртис, која со четири медали се враќа од меѓународниот пливачки митинг „Лесковачки Победник 2026“, што се одржа во Лесковац, Србија.
Куртис, која настапува за Пливачкиот клуб „Три Дисциплини“, се натпреваруваше во повеќе дисциплини и успеа да освои еден златен и три сребрени медали, продолжувајќи со одличните резултати на натпреварите надвор од границите на Македонија.
Младата охридска пливачка стигна до златото во 50 метри делфин, додека освои сребрени медали во 50 метри краул, 100 метри краул и 50 метри грбно.
Со новите четири медали, Куртис повторно покажа дека располага со сериозен потенцијал и дека е една од младите пливачки од кои се очекуваат уште подобри резултати во иднина. Нејзината богата колекција на медали и пласмани во различни дисциплини е потврда за квалитетот и талентот што го поседува.
Она што дополнително го издвојува нејзиниот спортски развој е фактот што Куртис одлично се снаоѓа во различни пливачки предизвици – како во базен, така и на отворени води, но и на триатлонски и акватлонски натпревари. Девран Куртис го гради својот пат кон уште поголеми успеси и претставува една од надежите за иднината на македонското пливање.