Пет натпревари, пет различни приказни, но заеднички епилог – МЗТ Скопје Аеродром, Пелистер, Кожув, Работнички и Тиквеш Голден Игл со победи ја отворија новата сезона во МТЕЛ Суперлигата. Првото коло донесе неизвесни завршници, пресврти, но и убедливи триумфи.
Првенствената сезона ја отворија МЗТ Скопје Аеродром и МКК Куманово, учесниците во Суперкупот „Драган Василов – Цевка“. Во „Јане Сандански“, актуелниот шампион славеше со 85:77.
По израмнета прва четвртина (19:19), МЗТ одигра одлично во вториот период и постигна дури 33 поени, наспроти 19-те на Куманово, па на паузата имаше 52:38. Гостите одговорија во третата четвртина и ја намалија разликата на 63:58, а на почетокот на последниот период стигнаа и до 62:65.
Сепак, домаќинот успеа да ја задржи контролата и да стигне до првата победа. Ворнер и Тадиќ беа најефикасни кај МЗТ со по 15 поени, додека Лука Стојановски додаде 13. Кај Куманово блескаше Мекиќ со 24 поени, шест скока и шест асистенции.
До победа стигна и Пелистер, кој во салата „Боро Чурлевски“ го совлада ТФТ со 78:70. Битолчани подобро го отворија мечот и по првата четвртина водеа 20:16, но гостите не дозволија сериозно одвојување. На полувремето беше 38:37.
Неизвесноста продолжи и во вториот дел, а ТФТ на две и пол минути до крајот успеа да намали на само 71:70. Пелистер, сепак, одговори во вистински момент и со неколку важни поени го затвори натпреварот.
Камерон Мекдауел беше најдобар кај Пелистер со 19 поени, седум скока и две асистенции, додека Сила беше убедливо најефикасен кај ТФТ со 31 поен, девет скока и три асистенции.
Интересен и ефикасен натпревар се одигра во СЦ „Јане Сандански“, каде Кожув со 101:95 го совлада Скопје. Домаќинот подобро го започна мечот и водеше 47:42 на полувремето, но гостите од Гевгелија постепено го преземаа натпреварот.
По 30 минути беше 72:72, а во завршницата Кожув одигра подобро. При 88:86 на 2:44 до крајот, гостите направија серија и стигнаа до 95:87, по што без поголеми проблеми ја задржаа предноста.
Бојчев беше предводник на Кожув со 24 поени и одличен шут за три поени – 5/8. Кај Скопје блескаа Џонс и Паркер со по 26 поени, но тоа не беше доволно за позитивен старт на повратникот во елитата.
На гостински терен до важна победа стигна и Работнички, кој во Струмица славеше против повратникот Струмица 2001 со 92:85.
Скопскиот тим го реши натпреварот со одличното прво полувреме. Работнички водеше со 29:10 по првата четвртина, а на паузата предноста изнесуваше 50:27. Домашните потоа се вратија во игра, па во последниот период стигнаа до само пет поени негатива – 73:78.
Работнички не дозволи целосен пресврт, а по тајм-аутот на Владимир Мирковски, Рикиќ со пет поени во низа повторно ја врати двоцифрената предност. Најефикасен беше Ефремовски со 29 поени, додека Рикиќ оствари дабл-дабл со 20 поени и 11 скока. Кај Струмица, Крафорд постигна 31 поен.
Колото го заокружи Тиквеш Голден Игл, кој импресивно ја започна сезоната со гостинска победа од 93:65 против ГКК Штип.
Кавадарчани практично го решија прашањето на победникот уште во првата четвртина, која ја добија со убедливи 30:9. Штипјани во продолжението се обидоа да се вратат и по третата четвртина намалија на 53:68, но Тиквеш повторно го подигна нивото во последниот период и стигна до убедлив триумф.
Особено впечатлив беше фактот што сите петмина од стартната петорка на Тиквеш завршија со двоцифрен број на поени. Смит постигна 22 поени и осум асистенции, Соукс 17 поени и девет скока, Кечовски 14 поени, шест скока и четири асистенции, Волф 12, а капитенот Глигоријевиќ 10 поени и шест скока.
Кај ГКК Штип, Александровски, Сендфорд и Хамилтон постигнаа по 13 поени, додека Костоски запиша 11 поени и седум асистенции.
Така, по првото коло пет екипи имаат победнички старт, а МТЕЛ Суперлигата уште на премиерата покажа дека сезонава може да донесе голема борба – од шампионските амбиции на фаворитите, преку враќањето на Струмица 2001 и Скопје во елитата, до новите предизвици за тимовите кои сакаат да се вмешаат во борбата за врвот.