Денес на Градскиот стадион во Свети Николе ќе се одигра дербито на 4. коло во Третата лига – Регион 3, во кое силите ќе ги одмерат Овче Поле и Победа Валандово.
Натпревар кој носи голема тежина уште во раната фаза од сезоната, бидејќи на терен ќе се сретнат два тима со јасна амбиција – освојување на првото место и пласман во баражот за Втората македонска фудбалска лига.
За 100 денари, љубителите на фудбалот во Свети Николе ќе можат во живо да го следат дуелот на два сериозни конкуренти.
Особено мотивирани ќе бидат домашните „Овчари“, кои по три одиграни натпревари имаат 5 бодови, со една победа и две ремија.
На спротивната страна е Победа Валандово, популарните „Калинкари“, кои имаат максимален ефект на стартот од сезоната. Валандовчани ги добија сите три досегашни натпревари и со 9 бодови се наоѓаат на врвот на табелата.
Овие две екипи имаат и свежо сеќавање на минатосезонската борба за првата позиција. Овче Поле и Победа Валандово до последното коло се бореа за врвот и местото кое носи бараж за влез во Втората лига. Во таа трка подобра беше Победа Валандово.
Сепак, таму „Калинкарите“ не успеаја да направат чекор кон Втората лига. На Градскиот стадион во Штип беа поразени со 2:0 од Камјани, шампионот на Третата лига – Запад, кој оваа сезона е дел од второлигашкото друштво.
Овче Поле, пак, не успеа да ја добие минатосезонската трка, но оваа година влегува со засилен состав и уште поголеми амбиции.
За „Овчарите“ денешниот натпревар е од огромно значење, бидејќи евентуален пораз или ново реми би можеле дополнително да ја зголемат разликата во однос на лидерот.
Затоа, само победа е опција за Овче Поле доколку сака да се доближи до Победа Валандово и повторно да се вклучи во трката за првото место. Од друга страна, „Калинкарите“ со нов триумф би направиле уште еден голем чекор во одбрана на лидерската позиција.
Дербито на Градскиот стадион во Свети Николе започнува во 15:00 часот.