Македонија вечерва против Шкотска ќе ја бара првата победа, но и првите бодови во новото издание на Лигата на нации на Националната арена во Скопје.
Напаѓачот на Глазгов Ренџерс, Бојан Миовски, смета дека Македонија мора да покаже заедништво и преку колективната игра да дојде до посакуваниот резултат.
„Секој период во репрезентацијата носи свои предизвици. Сега сме во момент кога треба да покажеме заедништво. Немавме резултати какви што очекувавме, но сега треба да покажеме дека сме тим. Можеме многу да зборуваме, но сe треба да покажеме на терен“, вели Миовски.
Македонскиот напаѓач има голем респект кон Шкотска, но верува дека домашниот терен и колективниот пристап можат да бидат важен фактор.
„Шкотска е одлична репрезентација, имаат квалитетни играчи и знаеме каде настапуваат. Ние играме дома и мора да покажеме квалитет. Не можеме да се потпреме на индивидуален квалитет. Ако бидеме колектив, ќе се вратат и резултатите“, порача Миовски.