Ланскиот шампион во Трета лига – Исток, Победа Валандово, има одличен почеток на новата сезона која сега е организирана како Трета лига регион 3. „Калинкарите“ по три одиграни кола имаат исто толку победи и со максимални девет бода се наоѓаат на врвот на табелата.
Валандовчани ја продолжуваат добрата форма од минатата сезона, кога ја освоија шампионската титула во Третата лига – Исток и изборија настап во баражот за пласман во Втората лига. Сепак, во Штип не успеаја да направат последен чекор, откако со 2:0 беа поразени од Камјани, шампионот на Третата лига – Запад.
Камјани оваа сезона се натпреварува во Втората лига и има одличен настап, наоѓајќи се во горниот дел од табелата, додека Победа повторно има амбиции да стигне до првата позиција и да добие нова шанса за пласман во второлигашкото друштво.
Дополнителен импулс за „калинкарите“ беше победата во дербито на Југот против Ударник од Пирава. Победа на домашен терен славеше со 2:1, со што го задржа максималниот ефект и продолжи со успешниот старт.
Пред валандовскиот состав е долг пат до крајот на сезоната, со уште многу натпревари и бодови во игра. Сепак, првите три кола покажуваат дека тимот повторно влегува со високи амбиции и желба да го повтори минатогодишниот успех.
Голема поддршка и оваа сезона имаат од своите верни „Калинкари“, кои редовно се присутни на трибините и му даваат силен ветер во грб на тимот. Градскиот стадион во Валандово е исполнет на натпреварите на Победа, а навивачката атмосфера е дополнителен мотив за фудбалерите.
Новина е што од оваа сезона баражот за Втората лига се игра меѓу шампионите на третолигашките региони, што за Победа претставува дополнителен мотив повторно да се бори за титулата. Доколку го повтори минатогодишниот успех, „Калинкарите“ ќе добијат нова можност за пласман во второлигашката конкуренција – овојпат со надеж дека баражот ќе заврши со посакуваниот исход.