Пред стартот на шестото коло на Втората македонска фудбалска лига, Еуромилк ГЛ остана без тренер, откако Јован Трајков поднесе оставка, со што „лисиците“ ќе добијат нов предводник за продолжението од второлигашкиот шампионат.
Трајков како шеф на стручниот штаб обезбеди враќање на Еуромилк ГЛ во Втората македонска фудбалска лига по долги години, а на социјалните мрежи преку соопштение го потврди заминувањето од клубот од Горно Лисиче.
„По седум месеци поминати во Еуромилк Скопје, донесов одлука да поднесам оставка од функцијата шеф на стручниот штаб. Одлуката не беше лесна, особено што доаѓа еден ден пред првенствениот натпревар, но сметам дека немаше друга опција и дека ова е најправилната одлука. Најмногу им благодарам на играчите кои ме направија горд. На Еуромилк му посакувам многу успех, добри резултати и напредок во иднина. Зад мене останува едно големо искуство и моменти кои вечно ќе ги паметам“, рече Трајков.
Еуромилк ГЛ не тргна според планот во новата сезоната на ВМФЛ, откако на пет кола забележа четири порази и една победа над Шкупи и со три бодови е на 12. место на табелата однсоно во опасната зона.
Денес, Еуромилк ГЛ на домашен терен ќе игра против Беласица, во обид за позитивен резултат.
Претходно, оставки во Втора лига поднесоа Иван Варадиновски кој го водеше Новаци, како и Бурхан Емурлаи од Камјани, кој кариерата ја продолжува во Азербејџан.