Новалијата во Првата женска фудбалска лига, Пелистер, продолжува со одличните резултати откако ја забележа четвртата победа во низа, овојпат на гостувањето во Струга кај Ас Јунајтед со минимални 0:1.
Стрелец на единствениот гол на натпреварот беше Михаела Марковска, која во 56. минута ја затресе мрежата на домаќинот и му ја донесе победата на битолскиот тим.
Пелистер сезоната ја отвори со убедлив и тежок пораз од 7:0 на гостувањето во Струмица кај Тиверија Брера, но потоа следуваше целосно поинаква приказна. Битолчанки влегоа во победничка серија и со четири последователни триумфи стигнаа до 12 освоени бодови.
Со овој учинок, Пелистер се израмни на второто место со актуелниот шампион Скопје, исто така со 12 бодови, само бод помалку од лидерот Љуботен.
Во следното коло Пелистер ќе гостува кај Кочани, каде битолскиот тим ќе ја има улогата на апсолутен фаворит и ќе брка продолжување на победничката серија.
Во зависност од резултатите на Љуботен и Скопје во следната рунда, Пелистер може да направи и дополнителен чекор напред и да го преземе врвот на табелата во Првата женска фудбалска лига.