Машката одбојкарска репрезентација на Македонија го претрпе и четвртиот пораз во низа на Европското првенство, со што остана без шанси за пласман во осминафиналето.
Избраниците на Јошко Миленковски денеска загубија од Португалија со максимални 3:0 во сетови, во натпревар во кој македонските одбојкари не успеаја да го искористат својот потенцијал и да освојат ниту еден сет.
Португалците доминираа во првиот сет и убедливо го добија со 25:13. Во вториот период Македонија пружи посилен отпор, но тоа не беше доволно за пресврт и Португалија славеше со 25:20. Истиот резултат беше и во третиот сет – 25:20, со што Португалците ставија точка на натпреварот.
Нашите „спартанци“ имаа моменти во кои покажаа борбеност и се обидоа да се вратат во мечот, но тоа не беше доволно за посакуван резултат. Македонија не ја прикажа препознатливата агресивна и борбена игра која беше потребна за да се парира на силниот противник.
За македонската репрезентација останува уште еден натпревар на Европското првенство. Утре од 15:00 часот, „црвено-жолтите“ ќе ги одмерат силите со селекцијата на Израел во последниот меч од групната фаза.
Иако шансите за пласман во осминафиналето се загубени, Македонија ќе има можност со позитивен резултат против Израел да го заокружи настапот на континенталниот собир и да се збогува од Европското првенство со подобар впечаток.