По пет одиграни кола, со тоа што петтата рунда не е комплетирана поради одложениот меч меѓу Ас Јунајтед и Пелистер, време е за прва „лупа“ на табелата и во Првата женска фудбалска лига.
„Сензационалните“ трансфери не даваат ефект во Вардар, тимот е на дното без бодови, Кочани рекорден по високи порази, Љуботен е на врвот без пораз, шампионот Скопје „диши во врат“.
Поранешниот шампион Љуботен е на врвот од табелата со 13 бодови има ефект од четири победи и едно реми, без пораз, а пак шампионот Скопје е втор со 12 бодови и ефект од четири победи и еден пораз токму од Љуботен во директното дерби кое се играше на Пржино.
Вицешампионот Тиверија Брера е на третото место со десет бодови, струмичкиот тим е со форма од три победи, едно реми и еден пораз токму од шампионот Скопје со 0:3 во гости.

Каменица Саса по двата порази од Љуботен и Тиверија Брера се стабилизираше со три победи во низа и собра девет бодови за четврто место на табелата, а толку бодови има и Пелистер, новајлијата во шампионатот може да избие на второто место ако го добие одложениот меч со Ас Јунајтед, тимот од Струга е на шестото место со осум бодови, па ако стружанки слават тогаш Ас Јунајтед ќе скокне на третото место и ќе ја претекне Тиверија Брера.
Истатов по двете победи во низа, сега нанижа три порази и со шест бодови е на седмата позиција, веќе во следното коло пред Истатов е тежок дуел со шампионот Скопје за враќање на победничките патеки.

Речица со еден бод од ремито со Ас Јунајтед е на осмото место, а во бараж зоната е Кочани со еден бод, од ремито со Ас Јунајтед.
На дното е Вардар, кој по пет кола има пет порази и единствен тим кој нема позитивен резултат ниту освоен бод, па можеби е време за вклучување на црвениот аларм и промени.
Статистички Љуботен и Ас Јунајтед се двете екипи без порази, а најмногу победи имаат Љуботен и Скопје по четири, а без победи се Речица, Кочани и Вардар. Најмногу порази има Вардар, вкупно пет.
Љуботен го има најефикасниот напад со 23 постигнати погодоци, а најмалку погодоци постигнаа Речица и Кочани само по четири гола. Најдобра одбрана има Скопје која има примено два погодоци, а најлоша одбрана има Кочани, примени 22 гола на пет меча.
Најголеми победи белеше Љуботен кога славеше со убедливи 4:1 над Каменица Саса, со 8:2 над Кочани, како и со 2:8 над Речица.
Тиверија Брера има „лото“ победа од првото коло над Пелистер на домашен терен од 7:0, како и 8:1 над Кочани.
Најголеми порази претрпе Кочани, кој во првото коло губеше со 4:0 од Скопје, потоа доживеа пораз од Љуботен со 8:2, па пораз од 8:1 во Струмица од Тиверија Брера.

Меч кој остава силен впечаток и понуди вистинска „резултатска брканица“ беше меѓу Вардар и Пелистер. Натпревар каде Вардар имаше двојна предност за Вардар со погодоци на Јулија Живиќ, а до крајот на мечот Михаела Марковска погоди за 2:1 на полувреме.
Во вториот дел Тамара Нешковска израмни на 2:2, но мечот сепак нудеше погодоци откако Настасја Накова донесе нова предност за Вардар од 3:2 во 72. минута, но следуваше нов шок.
Марковска со втор гол во 76. минута израмни на 3:3, а Мелиса Милица Димитриоска во 93. минута погоди за конечни 3:4 и ги „расплака“ домашните кои беа толку блиску до први бодови.