Поранешниот ракометар на Охрид, Дејан Кукуловски, со одлична индивидуална партија го започна новото поглавје во кариерата во дресот на Металопластика Шабац.
Македонскиот интернационалец беше меѓу клучните фигури во гостинската победа над Југовиќ со 25-24, со која некогашниот европски првак триумфално ја отвори сезоната во српскиот шампионат.

Кукуловски постигна седум гола од осум обиди, со што беше најефикасен во победничкиот состав. Левиот бек не придонесе само со реализацијата, туку запиша и три асистенции, една украдена топка и изнуди пенал.
Особено впечатлив беше неговиот шут од дистанца, бидејќи погодуваше и од девет, десет и повеќе метри, покажувајќи дека ќе биде сериозно оружје за тимот од Шабац.

Со учинокот во дебито, Кукуловски го имаше и највисокиот индекс на корисност во својата екипа – 8,5, со што на најдобар можен начин го најави настапот во новиот клуб.
За Металопластика ова беше важен старт, а за македонскиот бек – деби, кое дефинитивно не можеше да биде подобро.
