Градскиот стадион во Радовиш вчера беше домаќин на третиот настан од женската фудбалска кампања, која се реализира со поддршка од ФИФА.
Повеќе од 50 девојчиња од основните училишта „Никола Карев“ и „Крсте Петков Мисирков“ од Радовиш, „Орце Николов“ од Ињево, „Кочо Рацин“ од Подареш и „Кирил и Методиј“ од Ораовица имаа можност за првпат да ги почувствуваат убавините на фудбалот. Преку низа забавни игри и активности на главниот терен, најмладите учеснички се запознаа со фудбалската игра и направија уште еден чекор кон спортот.
Општина Радовиш даде значаен придонес во реализацијата на настанот и уште еднаш ја потврди својата поддршка за развојот и унапредувањето на спортот кај најмладите.
Настанот беше отворен од Станко Манчевски, одговорен за спорт во Општина Радовиш и член на Управниот одбор на ФФМ, заедно со амбасадорката на кампањата и македонската фудбалска репрезентативка Меланија Грозданова.
Со ваквите активности се продолжува со промоција на женскиот фудбал и создавање можности што поголем број девојчиња да се вклучат во најпопуларниот спорт.