Повратникот во Супер лигата, Младост се подготвува за првиот домашен меч против Прилеп, кој е закажан за сабота од 19:30 часот.
Тимот од Богданци со реми ја отвори сезоната откако одигра 30:30 против Бутел во Скопје, а сега на домашен терен ќе цели на првата победа.
Голманот Живојин Илиќ во изјава за Спортска Мрежа вели дека направиле доста грешки во нападот на мечот со Бутел, но дополнува дека завршиле добра работа во одбраната.
„Искрено, задоволен сум со освоениот бод. Направивме доста технички грешки во нападот, но завршивме добра работа во одбраната. Пред сè, би им честитал на моите соиграчи за пожртвуваноста и борбеноста во одбраната. Но, секако, останува да жалиме за победата, бидејќи сите ја очекувавме“, вели Илиќ за Спортска Мрежа.
Искусниот голман надополнува дека и на мечот со Прилеп клучни биле пожртвуваноста и борбеноста во одбраната, а притоа ја повика и верната публика за полна сала и силна поддршка од трибината.
„Мислам дека и овојпат клучни ќе бидат пожртвуваноста и борбеноста во одбраната. И, секако, поддршката од публиката, која во оваа прилика ја повикувам да дојде во што поголем број и да биде нашиот осми играч“, додава Илиќ.
Главната цел на тимот од Богданци е опстанокот, а како што дополнува Илиќ нивните мисли се насочени да се оди пополека, од натпревар во натпревар со посветеност и дисциплина.
„Нашата цел за оваа сезона е опстанок. Нашите мисли се насочени кон тоа и одиме чекор по чекор. Полека, од натпревар во натпревар. Со посветеност и дисциплина, мислам дека можеме многу. Остануваме со двете нозе на земја и размислуваме чекор по чекор“, завршува Илиќ.
Салата „Млаз“ која е во ново руво се очекува да биде исполнета до последното седиште, сигурно е дека Прилеп ќе го очекува вистински „пекол“ во салата каде во минатото се решаваа шампионите на Македонија и се играа европски натпревари.