Четворица дебитанти ќе го освежат добро познатиот список на селекторот Јошко Миленкоски за настапот на Македонија на Европското првенство 2026.
Техничарот Давид Стојанов, коректорот Кристијан Илијев, средниот блокер Михајло Мирасчиев и либерото Филип Јованов за првпат ќе настапат на еден континентален собир во националниот дрес.
Останатите десетмина репрезентативци се добро познати на македонската спортска јавност, со оглед на тоа што и во минатото го носеа товарот на големите натпреварувања и се дел од генерацијата која четврти пат во низа ќе настапи на Европско првенство.

Македонската делегација денеска со автобус патува за Софија, каде што од 9 до 16 септември ќе ги одигра натпреварите од групата Б. Противници на „црвено-жолтите“ ќе бидат домаќинот Бугарија, актуелниот европски шампион Полска, Украина, Португалија и Израел.
Првиот натпревар Македонија ќе го одигра на 9 септември против домаќинот Бугарија, со што официјално ќе биде отворено Европското првенство во Софија.