Селекторот на женската сениорска репрезентација на Македонија, Виктор Петровски, направи две измени во составот пред вечерашниот дуел со Естонија, втор за нашата селекција во претквалификациите за Евробаскетот 2029.
Меѓу 12-те кошаркарки кои ќе конкурираат за настап на натпреварот се најдоа Ива Колева и Вања Милосављевиќ. Двете не беа во комбинација за првиот натпревар, на гостувањето против Романија во Букурешт.
Колева и Милосављевиќ се добро познати на младинскиот репрезентативен план, бидејќи летово беа дел од селекцијата до 18 години, која настапи на Европското првенство во романскиот град Тулчеа.
Натпреварот меѓу Македонија и Естонија се игра вечерва, со почеток во 18:00 часот, во спортскиот центар „Џексон“ во Штип. Средбата ќе биде пренесувана во живо на МРТ 3.
Финални 12 кошаркарки за натпреварот со Естонија:
Ана Милованова, Сања Адамовска, Сара Максимовска, Ива Колева, Катерина Поп-Димитровска, Милица Николиќ, Теа Трајковска, Јана Пислевска, Јована Петрушевска, Вања Милосављевиќ, Тијана Митрева и Цветанка Димова.