ОФС Битола доживеа убедлив пораз на стартот од настапот во УЕФА Купот на региони, откако со 0:7 загуби од велшкиот претставник Тим Рханбартол и Де.
Велшаните уште во првото полувреме го решија прашањето околу победникот. Џек Џонс во 17. минута го отвори резултатот, а само три минути подоцна Итан Едвардс зголеми на 2:0. До паузата следуваа уште два гола, двата дело на Кејси Кафлин, кој погоди во 38. и 42. минута за убедливи 4:0.
ОФС Битола во вториот дел се обиде да го намали заостанувањето, но не успеа да дојде до гол. Од друга страна, велшкиот тим продолжи да го контролира натпреварот и во финишот постигна уште три гола.
Клејтон Фарах во 79. минута погоди за 5:0, а потоа Кафлин повторно стапи на сцена. Велшанецот со два гола во 83. и 90. минута стигна до четири погодоци на натпреварот и ги постави конечните 0:7.
ОФС Битола, предводен од Васко Бошевски, со пораз го започна настапот во групата 1, во која се наоѓаат уште Зеница-Добој и Килисија.
ОФС Битола – Тим Рханбартол и Де 0:7 (0:4)
Стрелци: Џонс 17’, Едвардс 20’, Кафлин 38’, 42’, 83’, 90’, Фарах 79’.
ОФС Битола: Александар Балев, Ариф Мерсими, Пепи Трајков, Бојан Кантаровски, Димитар Николовски, Дејан Секуловски, Александар Крстевски, Темур Емини, Иванчо Јовановски, Мики Талевски, Лука Лисолајски.
Тренер: Васко Бошевски.