РК Младост 1977 од денес ги пушта во продажба сезонските билети за сезоната 2026/27, во која клубот повторно ќе биде дел од Суперлигата. Продажбата ќе трае 11 дена, односно до 11 септември, а од клубот ги повикуваат навивачите да бидат дел од новата суперлигашка приказна и повторно да ја наполнат салата „Млаз“.
Сезонската карта чини 1.800 денари и овозможува следење на сите домашни натпревари во текот на сезоната. Во цената се вклучени 11 домашни првенствени натпревари, пет натпревари од плеј-офот или плеј-аутот, како и куп-средбите, што значи дека навивачите добиваат можност да следат повеќе од 16 натпревари со една сезонска карта.
Од Младост 1977 потенцираат дека сезонската карта не е само влезница за натпреварите, туку и начин директно да се поддржи клубот. Со секоја продадена карта се дава придонес за сениорскиот тим, развојот на младинските категории, подобрувањето на условите за ракометарите, но и за создавањето на буџетот и иднината на клубот.
Клубот ја испраќа пораката дека Младост 1977 не се гради само на теренот, туку и на трибините, а „Млаз“ повторно треба да биде вистинска тврдина кога ќе започнат големите суперлигашки битки.
Сезонските билети ќе можат да се набават во Богданци во „Маркет 55“, кој се наоѓа спроти сендвичара „Фуди“, во Стојаково во „Тобако“ во центарот на населеното место, како и во Гевгелија во „Тобако Лени“. За сите оние кои не се од Богданци, клубот обезбедува и бесплатна достава низ цела Македонија. За нарачка преку порака на социјалната мрежа Facebook потребно е да се испратат име и презиме, адреса и телефонски број, по што сезонската карта ќе биде подготвена и испратена.
Со само 1.800 денари, навивачите добиваат можност да бидат дел од целата сезона и од повеќе од 16 натпревари, но пред сè да дадат поддршка на клубот во неговото враќање во најсилната македонска ракометна конкуренција.
По летните подготовки и враќањето во Суперлигата, Младост 1977 ги очекуваат нови предизвици, големи натпревари и силна конкуренција. Од клубот затоа испраќаат јасна порака до своите симпатизери – трибините се местото каде што заедно се создава атмосферата, а „Млаз“ повторно треба да биде полн и да биде осмиот играч на Младост 1977.