ГРК Охрид го очекува исклучително важна недела, во која „гладијаторите“ ќе одиграат два натпревари со голема тежина. Тимот на Борис Ројевиќ, најпрво ќе се бори во Супер купот против Вардар, а само четири дена подоцна ќе ја започне и новата сезона во Супер лигата.
Првиот предизвик е закажан за 2 септември во Гевгелија, каде што од 19:00 часот во салата „26-ти Април“ ќе се сретнат Вардар и Охрид во битката за првиот трофеј во сезоната. Охриѓани влегуваат со позитивен биланс против „црвено-црните“ во подготовките, бидејќи двапати славеа во финалињата на турнирите во Струга и Охрид, меѓутоа вардарци не играа со полн состав.

Но, нема многу време за одмор по Супер купот. На 6 септември Охрид ќе го има и дербито за старт на домашното првенство, кога на „Билјанини извори“ ќе гостува Еурофарм Пелистер. Натпреварот од првото коло на Супер лигата е закажан за 19:00 часот.
Од клубот најавија дека септември го започнуваат со два натпревари од големо значење – борбата за Суперкупот и стартот на шампионската сезона.
„Септември го започнуваме со два натпревари од големо значење – Супер Купот против Вардар 1961 на 2ри септември во Гевгелија и почетокот на сезоната во Супер лигата – натпревар против екипата на Еурофарм Пелистер на 6ти септември во „Билјанини извори.“- стои во објавата од клубот.

Две големи пресметки во само четири дена ќе бидат сериозен тест за амбициите на Охрид во новата сезона. Прво ќе се дели трофејот во Гевгелија, а потоа следува големото дерби со Пелистер пред охридската публика.